Масното ткиво не е само нешто што го гледаме надворешно или го поврзуваме со тежина и изглед. Тоа е активен ендокрин орган кој учествува во бројни процеси во телото. Современата наука сè повеќе открива дека масното ткиво има многу поголема физиолошка улога отколку што сме мислеле. Но кога е во вишок или се натрупува на погрешни места – неговото влијание врз здравјето станува сериозно.
Масните клетки не се само складиште за енергија – тие произведуваат хормони, воспалителни молекули, ензими и учествуваат во регулација на апетитот, метаболизмот, па дури и во имунолошкиот одговор. Еден од клучните ензими што се создава во масното ткиво е ароматаза – ензим кој претвора андрогени во естрогени. Поради ова, зголеменото масно ткиво води до зголемена продукција на естроген, што кај мажите може да доведе до хормонален дисбаланс, а кај жените до нарушувања на циклусот, а кај деца – до забрзан пубертет.
Покрај хормоналниот ефект, масното ткиво е и складиште на токсини. Токсичните супстанции кои телото не може да ги елиминира – пестициди, тешки метали, остатоци од лекови, пластични деривати, фталати, се акумулираат токму во мастите. Телото ги „заклучува“ таму како форма на заштита, но со тоа се зголемува долгорочниот токсичен товар. Особено при брзо слабеење или стрес, овие токсини повторно се ослободуваат и циркулираат низ телото.
Хроничното воспаление е уште една последица на зголеменото масно ткиво. Тоа постојано лачи провоспалителни молекули (цитокини) кои влијаат на сите органски системи – срце, мозок, црн дроб, црева. Ова воспаление е тивко, но може да биде основа за метаболен синдром, инсулинска резистенција, срцеви заболувања, автоимуни состојби и многу други здравствени нарушувања.
Важно е да се знае и дека не секое масно ткиво е исто. Висцералната маст – онаа што се таложи околу органите – е особено опасна. Таа не се гледа однадвор, но има најголемо влијание врз хормоните, шеќерите во крвта, крвниот притисок и воспалителните процеси. Често луѓе со „нормална тежина“ имаат високо ниво на висцерална маст, што ги става во ризик без да бидат свесни.
Децата и адолесцентите се посебно чувствителни на овие ефекти. Зголемената маса кај деца води до рана хормонална активација, но и до нарушување на растот, концентрацијата, емоционалната стабилност. Кај возрасните, покрај метаболичките ризици, долготрајното натрупување на масти го нарушува квалитетот на живот, спиењето, циркулацијата, а кај жените и плодноста.
Она што е важно да се сфати е дека телото складира масти не само од вишок калории, туку и како заштита од преоптовареност со токсини, хормонски стимулации, недостаток на движење, хроничен стрес и лоша исхрана. Мастите се последица, но и учесник во патолошки процес.
Затоа, кога зборуваме за здравје, не треба да го мериме само преку телесна тежина. Треба да размислуваме за квалитетот на мастите во телото, нивната распределба и нивната хормонска активност. И најважно – масното ткиво може да се намали, регулира и „ресетира“ преку правилна исхрана, физичка активност, чиста околина и елиминирање на токсини.
Подигнувањето на свеста за оваа тема е клучно – не заради изгледот, туку заради долгорочно здравје и превенција на хронични нарушувања кај сите возрасти.
Покрај физиолошките последици, вишокот масно ткиво сè повеќе се поврзува и со менталното здравје. Хроничната инфламација што произлегува од масните наслаги влијае врз продукцијата на невротрансмитери како серотонин и допамин – хормони одговорни за расположението, енергијата и менталната јасност. Тоа објаснува зошто кај многу луѓе со зголемено масно ткиво се јавуваат симптоми на анксиозност, депресија, раздразливост и замор, без видливи надворешни причини.
Кај жените, масното ткиво има и дополнително влијание врз хормоналната рамнотежа, особено во репродуктивен период. Нарушената рамнотежа помеѓу прогестерон и естроген, позната како естрогена доминација, често е директна последица на акумулирани масти кои сами лачат естроген. Тоа може да води до нередовен циклус, ендометриоза, полицистични јајници, а подоцна и потешкотии со фертилитет.
Кај децата, покрај физичките ризици, масното ткиво влијае и врз самодовербата, социјализацијата и сликата за себе, што во чувствителен развоен период може да остави долгорочни психолошки траги.
Важно е да се разбере дека телото не создава масти од мрзеливост или слаб карактер, туку како обид за заштита. Кога ќе му овозможиме средина со чиста храна, подвижност, емоционална стабилност и помал токсичен товар – телото само ќе ја врати својата рамнотежа. Не е поентата да се изгуби тежина по секоја цена, туку да се создаде телесна средина во која масното ткиво нема потреба да се зголемува.
Најдобриот начин да го намалиме токсичното и хормонално активното масно ткиво не е преку диети, туку преку:
– постепено чистење на исхраната и елиминирање на индустриски преработени производи
– внес на целосни, растителни храни богати со влакна, антиоксиданси и нутриенти
– природна физичка активност – не за казна, туку како радост и движење
– поддршка на црниот дроб и дигестијата, кои се одговорни за елиминација на естрогени и токсини
– минимизирање на изложеност на хемикалии преку козметика, пластика и средства за чистење
Масното ткиво не е само последица на лоши навики – тоа е гласник на внатрешен дисбаланс. Ако го слушнеме тој глас и почнеме да дејствуваме со разбирање и одговорност, можеме да направиме промена што ќе се одрази не само на телото, туку и на здравјето, умот и идните генерации.
Related posts
За мене
Aleksandra 🍀 PURE products
❇️ I choose non-toxic products for you 🍀 ❇️ Бесплатни програми 🍀 ❇️ Дипломиран молекуларен биолог 🍀
Категории
- Храна (11)
- Суплементи (10)
- Кујнски прибор (1)
- Одржување на хигиена во дом (2)
- Прибор за хранење на деца (2)
- Препорака за производи со добар состав (10)
- Производи за лична нега и хигиена за деца (9)
- Останато (26)