Кога купуваме крема за заштита од сонце, најчесто го гледаме SPF бројот. Но она што е дури поважно од SPF е типот на филтерот – бидејќи токму тој е активната супстанција која ја врши заштитата од штетните УВ зраци. Постојат две главни групи на филтри: минерални и хемиски, и разликата меѓу нив е суштинска – како за безбедноста, така и за механизмот на делување.
Сончевото зрачење што стигнува до кожата се дели на два типа – УВА и УВБ. УВА зраците продираат подлабоко во кожата, предизвикуваат стареење, оштетување на колагенот и се поврзани со појава на рак на кожа. УВБ зраците делуваат повеќе на површината, предизвикуваат изгореници, воспаление и директно оштетување на ДНК. Добрата крема за сонце мора да обезбеди широкоспектарна заштита (broad spectrum), односно да штити и од УВА и од УВБ зраци.
Минералните филтри се природни супстанции кои делуваат како огледало – ги одбиваат и расфрлаат и УВА и УВБ зраците пред тие да ја допрат кожата. Најчесто користени минерали се цинк оксид и титаниум диоксид. Овие филтри не навлегуваат во кожата, туку остануваат на нејзината површина и делуваат веднаш по нанесување.
Најбезбедни се кога се користат во non-nano форма, што значи дека честичките не се доволно мали за да навлезат во телото или да се вдишат. Особено цинк оксидот обезбедува стабилна и целосна заштита од обата вида УВ зраци, што го прави златен стандард за чувствителна кожа и деца.
Минералните филтри се препорачани за бебиња, деца, чувствителна кожа, бремени жени и доилки, бидејќи не предизвикуваат алергии, не се фотосензитивни и не се поврзани со хормонални нарушувања. Дополнително, тие се еколошки прифатливи и не се штетни за морските организми.
Хемиските филтри, за разлика од минералните, делуваат така што ги апсорбираат УВ зраците, ги трансформираат во топлина и ги неутрализираат во внатрешните слоеви на кожата. Делуваат по 20 до 30 минути од нанесувањето и често се користат поради лесната текстура и тоа што не оставаат бела трага.
Најчести хемиски филтри се: oxybenzone, octinoxate, octocrylene, homosalate, avobenzone, ensulizole и tinosorb. Некои од нив обезбедуваат само УВБ заштита, а други имаат ограничена УВА заштита, што значи дека не секоја формула со SPF број навистина штити целосно.
Посебно проблематични се филтрите како oxybenzone и octinoxate, кои се и еколошки спорни и се забранети во некои земји поради штетно влијание врз коралите и морскиот живот. Дополнително, кај лица со чувствителна кожа или хормонски пореметувања, овие состојки можат да предизвикаат влошување на состојбата.
Кај децата, кожата е потенка и поранлива, а органите сè уште незрели за да можат да се справат со апсорпција на потенцијално штетни материи. Затоа, за најмладите се препорачува исклучиво употреба на креми со non-nano цинк оксид или титаниум диоксид, без парфеми, бои и дополнителни хемикалии.
Кај возрасните, изборот зависи од индивидуалната чувствителност. Ако има хормонални нарушувања, бременост, доење или тенденција кон алергии, најдобро е да се избере 100% минерална формула, особено ако е со природна и органска основа. Доколку се користи хемиски филтер, треба внимателно да се избере формула без спорни состојки и без мириси и конзерванси.
Изборот на крема за сонце не треба да се води само според SPF бројот. Типот на филтерот и дали навистина штити од и УВА и од УВБ зраци е клучен фактор, особено кај деца, бебиња, бремени жени и луѓе со чувствителна кожа. Природната заштита со минерални филтри во non-nano форма претставува најсигурен избор што делува веднаш, е ефикасна, не е инвазивна и не носи долгорочни здравствени ризици.
Сончевата светлина е живот, но заштитата е мудрост. Минералната заштита е мала, но моќна промена – особено кога ја избираме со внимание и свест, за најдрагите и за себе.
Related posts
За мене
Aleksandra 🍀 PURE products
❇️ I choose non-toxic products for you 🍀 ❇️ Бесплатни програми 🍀 ❇️ Дипломиран молекуларен биолог 🍀
Категории
- Храна (11)
- Суплементи (10)
- Кујнски прибор (1)
- Одржување на хигиена во дом (2)
- Прибор за хранење на деца (2)
- Препорака за производи со добар состав (10)
- Производи за лична нега и хигиена за деца (9)
- Останато (26)