Изборот на адаптирано млеко е еден од најважните чекори што родителите го прават, особено кога доењето не е опција или е потребна дополнителна исхрана. Составот на формулата има директно влијание врз цревниот микробиом, имунитетот, хормоналната регулација и невролошкиот развој на бебето. Бидејќи бебињата имаат незрел дигестивен и детоксикациски систем, секоја состојка мора да биде избрана со максимална грижа.
1. Палмино масло – зошто го има, и зошто да се избегнува
Палминото масло често се користи во формулите за да се добие одреден профил на масни киселини, сличен на мајчиното млеко. Но, структурата на маснотиите е различна – кај мајчиното млеко, палмитинската киселина е естерифицирана во позиција што е полесна за варење, додека во палминото масло не е. Тоа доведува до:
- Формирање на нерастворливи сапунести соединенија во цревата
- Намалена апсорпција на калциум и масни киселини
- Запек и цврста столица
- Потенцијално нарушување на природниот развој на коските
Покрај дигестивниот ефект, палминото масло во многу случаи доаѓа од интензивно преработена суровина која може да содржи оксидациски нуспроизводи и остатоци од загадувачи. Препорака: барај формула без палмино масло, или со мешавина од биолошки попогодни масла (како сончогледово, кокосово, репкино со висока содржина на олеинска киселина).
2. Соја лецитин – што е, зошто е контроверзен
Соја лецитинот се користи како емулгатор – да ги држи маснотиите рамномерно распоредени во млекото. На прв поглед звучи безопасно, бидејќи лецитинот природно постои во организмот. Проблемите се јавуваат кога:
- Повеќето лецитини доаѓаат од генетски модифицирана соја (ГМО), која е третирана со глифосат
- Во процесот на добивање се користат хемикалии како хексан, кои можат да остават траги
- Може да содржи алергени и да влијае на чувствителните деца, особено ако имаат фамилијарна анамнеза на алергии
- Сојата има и фитоестрогени – растителни соединенија што имаат ефект сличен на естроген. Иако количините се мали, кај новороденчиња чувствителноста е голема
Ако постои лецитин во млекото, нека биде од сончоглед, не-ГМО и без остатоци од хемикалии.
3. Шеќери и сирупи – скриен ризик за метаболизмот и микробиомот
Многу формули користат додатни извори на јаглехидрати: глукозен сируп, малтодекстрин, скроб, па дури и сахароза. Тие можат да:
- Го пореметат природниот развој на цревната флора
- Го навикнат бебето на сладок вкус, што води до метаболички ризици
- Предизвикаат осцилации во шеќерот во крвта и влијаат врз расположението
Лактозата – природниот шеќер во мајчиното млеко – е најбезбедниот и најпосакуван извор. Формулата треба да содржи само лактоза, освен ако не постои специфична медицинска индикација.
4. Згуснувачи и гуми – не се секогаш потребни
Гума од рогач, гуар гума, скроб – често се наоѓаат во формули означени како AR (anti-reflux). Но кај здраво новороденче, оваа состојка може да направи повеќе штета отколку корист, со:
- Намалена подвижност на цревата
- Појава на гасови и колики
- Можни алергиски реакции
Без препорака од лекар, формула со згуснувачи не е потребна.
5. Ароми, засладувачи и синтетички витамини
Формулата треба да биде чиста – без додадени ароми, вкусови, засладувачи, бои или синтетички засилувачи. Некои евтини формули додаваат ароми за да го прикријат вкусот на хемискиот состав – ова е знак за лош квалитет.
Синтетичките витамини (особено во евтини формули) може да бидат слабо биорасположиви, а некои форми (на пример синтетички витамин Е) се сомнителни по безбедност.
6. Органско и чисто млеко – клучна разлика
Многу е важно да се избере формула:
- од еколошко сточарство, без остатоци од антибиотици, хормони и пестициди
- без генетски модифицирани суровини
- со сертификација според ЕУ органски стандарди или слични меѓународни тела
Ова не е маркетинг, туку гаранција за чиста храна во период кога бубрезите и црниот дроб сè уште не можат да преработат токсини.
7. Додатоци што се пожелни – природни пребиотици и пробиотици
Пожелно е формулата да содржи:
- GOS и FOS (галакто и фрукто-олигосахариди) – храна за добрите бактерии
- Пробиотици со наведени соеви, како Lactobacillus reuteri, Bifidobacterium infantis и L. rhamnosus
Овие состојки можат да го поддржат имунолошкиот одговор, варењето и да помогнат при колики или запек, но важно е да се наведат конкретни и истражени соеви, а не општа ознака „probiotics“.
Адаптираното млеко е првата и често единствена храна на бебето. Затоа изборот мора да биде базиран на знаење и свесност, а не на реклама или достапност. Избегнувај млека со палмино масло, соја лецитин од сомнително потекло, сирупи, скроб, ароми и вештачки додатоци. Избери млеко што е блиску до мајчиното по состав и чистота, со доказано безбедни и нутритивни состојки.
Кога не си сигурна – читај состав, информирај се и не двоуми се да се консултираш со стручен лице што има разбирање за нутриционизам и токсикологија. Храната во првите месеци гради основа за здравјето низ целиот живот.
Related posts
За мене
Aleksandra 🍀 PURE products
❇️ I choose non-toxic products for you 🍀 ❇️ Бесплатни програми 🍀 ❇️ Дипломиран молекуларен биолог 🍀
Категории
- Храна (11)
- Суплементи (10)
- Кујнски прибор (1)
- Одржување на хигиена во дом (2)
- Прибор за хранење на деца (2)
- Препорака за производи со добар состав (10)
- Производи за лична нега и хигиена за деца (9)
- Останато (26)